Македонското астрономско друштво (МАД) претставува асоцијација на граѓани, љубители на астрономијата, астрофизиката и сродните науки, како и научни работници од овие области здружени во Друштвото со цел да го координираат своето делување за афирмација и популаризација на астрономијата.
Основано е на 14 март 1996 година во просториите на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Проф. Мијат Мијатовиќ беше претседател на МАД од неговото основање до прераната смрт во 2000 година. Ентусијазмот и креативноста на проф. Мијатовиќ беа мотивирачки како за неговите студенти и соработници, така и за членовите на Друштвото. Од 2001 година до крајот на 2005 година претседател на МАД беше д-р Драган Михајловиќ. Од 2006 до почетокот на 2016 година претседател беше професор Гордана Апостоловска, а од 2016 година таа функција ја презеде проф. Олгица Кузмановска.
Друштвото успешно организира Зимски школи по астрономија и натпревари по астрономија за учениците од средните училишта, како и популарни предавања. Во текот на изминатите години МАД имаше бројни активности за популаризација на астрономијата како и едукација во оваа област, инаку недоволно застапена во училишните програми.
МАД заедно со „Југореклам“ од Скопје, го издаде преводот на учебникот „Астрономија“ од Милан Димитријевиќ и Александар Томиќ. Книгата беше издадена во тираж од 1000 примероци и во убава графичка форма. Министерството за образование подари 200 примероци од оваа книга на библиотеките во гимназиите во Република Македонија.
На 23 Генерално собрание во 1997 година во Кјото, Јапонија, донесено е решение Република Македонија да биде примена во членството на Меѓународната астрономска Унија (International Astronomical Union – IAU), една од најстарите научни организации на професионални астрономи, доктори на науки, од целиот свет. Нашата држава има два индивидуални члена на Унијата, кои се воедно членови на МАД: проф. Гордана Апостоловска и проф. Олгица Кузмановска од Институтот за физика.